На повидок е ново задолжување на Владата, овој пат кај Светска банка. Заемот што земјава ќе го земе од оваа институција е „тежок“ 17,7 милиони евра, а со него ќе се финансира развојот на вештини и иновации во образованието. Предлог-законот за задолжување на Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој, која е дел од СБ, веќе поминал на владина седница, а се очекува наскоро да биде доставен на разгледување во Законодавниот дом. Владата бара да се гласа по скратена постапка. Преговорите со СБ за договорот за заем завршиле на 2 декември годинава, а услов за тој да се склучи, е да се донесе Законот за задолжување. Инаку, рокот на враќање на овој заем ќе биде 18 години, со вклучен грејс-период од пет години. Отплатата почнува на 1 февруари 2019 и ќе оди преку полугодишни рати, а ќе заврши во август 2031 година.
На повидок е ново задолжување на Владата, овој пат кај Светска банка. Заемот што земјава ќе го земе од оваа институција е „тежок“ 17,7 милиони евра, а со него ќе се финансира развојот на вештини и иновации во образованието.
Предлог-законот за задолжување на Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој, која е дел од СБ, веќе поминал на владина седница, а се очекува наскоро да биде доставен на разгледување во Законодавниот дом. Владата бара да се гласа по скратена постапка. Преговорите со СБ за договорот за заем завршиле на 2 декември годинава, а услов за тој да се склучи, е да се донесе Законот за задолжување.
Инаку, рокот на враќање на овој заем ќе биде 18 години, со вклучен грејс-период од пет години. Отплатата почнува на 1 февруари 2019 и ќе оди преку полугодишни рати, а ќе заврши во август 2031 година.
Каматната стапка, како што се наведува, е шестмесечен ЕУРИБОР, со варијабилен распон. Според последните податоци, шестмесечниот ЕУРИБОР има стапка од 0,345 проценти. Исто така, државава како заемобарател има и обврска да и' плати на Меѓународната банка за обнова и развој еднократна провизија од 44.250 евра.
Со овој заем, како што соопштува Владата, ќе се финансира проект кој треба да обезбеди неколку работи. Прво, да се подобри транспарентноста на високото образование и да се осигури неговиот квалитет. Во тој дел се планира обука за подобрување на административниот капацитет на Одборот за оценување и акредитација на високото образование, како и на другите клучни институции во тој дел. Второ, се планираат реформи во финансирањето на високото образование, а дел од средствата ќе бидат искористени и за развој на национална канцеларија за пренесување технологии. И средното техничко стручно образование ќе има бенефит од проектот, кој предвидува негова модернизација и обука, со цел да се подобри неговата релевантност за она што го бара пазарот на трудот.
Со кредитот ќе се финансира и градење на капацитетот на Фондот за иновации и технолошки развој, односно планирање и осмислување на неговите стратегии и програми, обука на неговиот персонал и слично.
Како корисници на парите од овој заем ќе се јават Министерството за образование и наука, кое ќе потроши 8,5 милиони евра, додека, пак, Фондот за иновации ќе повлече 9,2 милиони евра.
Инаку, нашата Влада планираше од Светска банка да обезбеди гаранција, преку која полесно ќе дојдеше до поповолен заем кај некоја од комерцијалните странски банки, за финансирање на еден дел од буџетскиот дефицит за идната година, кој од странски извори треба да се покрие за околу 85 милиони евра. Се' досега нема информации дали е одобрена гаранцијата. Неодамна, пак, министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека државава нема итна потреба од пари, бидејќи најголем дел од потребите за оваа и за идната година биле обезбедени.